„Дневник” Мај 2002 год.
Сашо Спасоски

 

Произведувајте самите струја наместо да купувате

Иако до пред извесен период соларните панели што произведуваат струја и генераторите на ветер ги гледавме само на телевизија, денес во Македонија е можно да си порачате сопствена “централа”, исто толку лесно како купувањето фрижидер


Големиот број на сончеви часови во годината и поволната состојба со ветровите во Македонија овозможуваат едно четиричлено македонско семејство да обезбедува дури 70 % од дневните потреби за струја со користење алтернативни извори на енергија.
Според некои анализи, пет соларни фотонапонски панели со јачина од по 100 W секој на покривот од куќата, дополнети со акумулатори и претворувачот на еднонасочна во наизменична струја, ќе обезбедат доволно струја за осветлување, работа на телевизорот, музички систем и апаратите за домаќинство - освен шпоретот, бојлерот и клима уредот. Ситуацијата би била слична и ако наместо панели се набави генератор на ветер т.н. “wind генератор” со јачина од 400 W.
Убавата страна на ваквото решение е што за таа струја не треба ништо да плаќате, а уште поубаво е што при нејзиното производство нема да се загади ниту еден кубен сентиметар воздух, вода или почва. Ова второво, се разбира ќе ги израдува само луѓето што размислуваат за тоа колку нивниот стил на живот и штети на природата.
Фотонапонските соларни панели и генераторите на електрична енергија на ветер, кои до неодамна можевме да ги видиме само на телевизија или при патување во странство, веќе една година се достапни и кај нас благодарение на скопската фирма СИЕТО. Оваа фирма денес на пазарот нуди различни апарати што ја користат динамичната енергија на ветерот и на сончевото зрачење за производство на струја.
Иако сме на југот од Европа, зимите кај нас, покрај со ниските температури се карактеризираат и со облачни и магловити денови. Во тој период од годината соларните панели се со намалена употребливост, но тоа не значи дека во зима мора да зависиме од струјата на електричната мрежа. Ако направите комбинација од фотонапонски панели и генератор на ветер, проблемот е решен - панелите произведуваат струја лете, а wind генераторите го “жнеат” ветерот наесен и назима. Генераторот на ветер ќе ги полни акумулаторите и лете, а фотонапонските панели ќе “шмукаат” и наесен и зиме, што, пак, значи дека со сегашниот просек на потршувачка на струја, многу лесно може да се случи вкупното напојување со струја да ви го обезбедува не електричната мрежа туку мајката природа.
Во СИЕТО велат дека фотонапонските панели и генераторите на ветер може многу лесно да се комбинираат за да се создаде соодветна “кројка” за секоја потреба. Засега на располагање се неколку комбинаци: систем што може да обезбеди осветлување во викендичка ако престојувате во неа само два дена, систем за викендичка што покрај осветлувањето ќе го напојува и телевизирот, систем за домаќинство што ќе обезбеди доволно струја за работа на домашните апарати и за осветлување, систем што покрај за целото домаќинство ќе обезбеди струја и за работилница, па дури и за погон.

Другите за нас: