
„ВРЕМЕ” Октомври 2005
Пионерски проект ја носи иднината кај нас
Она што сега го гледаме во телевизиските документарци наскоро ќе стане реалност на нашите простори - Македонија идното лето ќе ја добие својата прва еколошка куќа, максимално ориентирана кон алтернативните извори на енергија - сонцето и ветерот.
Со тоа земјава ќе стане третата во Европа со таква градба, но и ќе се оствари сонот на нејзиниот сопственик, кој смета дека иднината на човештвото е во незагадувачките извори на енергија, кои кај нас премалку се искористени и сака да даде поттик.
- Имаме огромно количество сончеви часови во текот на годината и многу поволна роза на ветровите. Тоа на Запад е сериозен ресурс, а ние каскаме. Се надевам дека кога куќата ќе биде комплетно готова и кога луѓето ќе видат оти тој принцип функционира, нешто ќе се смени во размислувањата во Македонија - вели скопјанецот Звонко Марковски. Тој објаснува дека две вакви еколошки куќи веќе постојат во Хрватска и во Германија. Но тие создаваат струја само од сончевото зрачење. Куќата што се гради ќе го „жнее” и ветерот.
Целосниот проект и изведба на системите е на скопската фирма „СИЕТО”, чиј сопственик е Марковски. Фирмата веќе пет години изработува и развива системи за производство на електрична енергија од сонце и ветер, и е единствената во земјава со таква дејност. Досега монтирале системи за производство на струја преку сонце и ветер на дваесетина локции во земјава , а изградбата на куќата во село Кадино е пионерски проект, со кој ќе се комплетира целосно функционален систем за еколошка куќа.
Десетте фотонапонски панели на покривот и ветерната турбина месечно ќе произведуваат меѓу 500 и 550 KW/h. Доколку толкаво количество би се произвело со согорување фосилни горива, во атмосферата би биле испуштени 290 килограми јаглероден диоксид. Со системот за загревањето топла вода (соларни колектори, плус догревање со струја произведена од ветерната турбина) ќе се создаваат 5.000 киловатчаса годишно. И повторно горната паралела - тоа ќе значи дека месечно ќе има 175 килограми јаглероден диоксид помалку во атмосферата.
Кога ќе биде комплетно функционална, куќата градена според високи норми за изолација и енергетска заштеда и опремена со електрични уреди со минимална потрошувачка на енергија , ќе му овозможи живот на четиричлено семејство со мало приспособување на навиките. На пример, вклучување на машината за перење околу пладне, кога ќе се произведува најмногу струја. Куќата, сепак, ќе биде приклучена и на електродистрибутивна мрежа.
- Првата фаза ќе биде тестирање и затоа и имаме нормален струен приклучок и котел на гас, кој ќе ја догрева водата од соларните колектори во многу студените денови. Но, реално, во иднина, доколку се сменат законите и биде можно , како во Германија , куќата да продава произведена струја, би можеле да додадеме уште фотонапонски панели и да бидеме самостојни. Ако ги инсталираме сега сите елементи, во летните месеци ќе произведуваме вишоци струја што би останале неискористени и што би требало да пропаднат. На овој начин правиме компромис помеѓу вложените средства и добиената струја од сонце и ветер - објаснува Марковски.
Другите за нас:
- „Дневник” Мај 2002 год.
- „Дневник” Јуни 2002 год.
- „Дневник” Јули 2002 год.
- „ВЕЧЕР” Јули 2002 год.
- „НОВА МАКЕДОНИЈА” Јули 2002 год
- „Утрински весник” Ноември 2003 год.
- „ЕМИТЕР” Декември 2004 год.
- „ЕМИТЕР” Февруари 2005 год.
- „ЕМИТЕР” Април 2005 год.
- „ЕМИТЕР” Мај 2005 год.
- „ВРЕМЕ” Октомври 2005 год.
- „ШПИЦ” 04.07.2006.
- „24 ЧАСА ” 18.07.2006.
- „24 ЧАСА ” 25.07.2006.
- „ДНЕВНИК ” 27.07.2006.