„24 ЧАСА” 25.07.2006 год.

Пионерските чекори на СИЕТО станаа реалност (2)


Екокуќата - инвестиција за две генерации


Првата еколошка куќа во Македонија, „ Вилата Марковски ” во селото Кадино, општина Илинден, која задутре и официјално ќе биде отворена, според првиот човек на СИЕТО, Звонко Марковски, е инвестиција тешка околу 20.000 €. Потребата од струја во неа ќе биде задоволена од алтернативни извори на енергија - ветер и сонце.
За таа цел, инсталирани се една турбина на ветер или wind генератор тип W -200, со номинална моќност од 1 KW и дијаметар на перките од три метри, како и пет фотонапонски сончеви панели со моќност од 1000 Wp . Направените анализи покажале дека просечната брзина на ветерот, речиси стопостотно во правец север-југ, изнесува 5,7 метри во секунда, па оттука се очекува ветерницата да произведувапросечно месечно по 250 до 300 KW/h .
Фотонапонските сончеви панели, пак, во текот на летните месеци би произведувале 200 до 250 KW/h месечно. Со оглед дека турбината на ветер и фотонапонските сончеви панели ќе произведуваат еднонапонска струја со номинален напон од 24V , таа преку два инвертори (производ на Сието), предвидени да работат по 24 часа во текот на целата година, прво ќе се претвора во наизменична 220V/50Hz по што ќе се носи до потрошувачите. Произведената вишок енергија, што ќе обезбеди работа на електричните апарати ноќе, ќе се акумулира во акумулаторските батерии со вкупен капацитет од Cn=720 Ah . За надгледување и насочување на струјата, инсталиран е посебно проектиран од СИЕТО компјутерски систем, кој покрај тоа што ќе врши аквизиција на податоците за произведена и потрошена енергија, истовремено ќе врши и постојан мониторинг и архивирање на податоците за детектирање на пиковите и падовите на системот.
Топлата санитарна вода во првата екокуќа ќе се добива со помош на пет сончеви колектори, со вкупна активна површина од 10 квадратни метри, врзани во затворен систем со централен резервоар од 300 литри. Во текот на летото, кога ќе се појави вишок топла вода, таа освен во кујните и бањите ќе се користи и за загревање на водата во базенот.
„ Според квалитетот на вградената технологија, станува збор за две генерации опрема. На тој начин, целосно ги запазуваме светските стандарди, според кои првите 20 години од користењето на опремата се наменети за таа да се исплати, вторите 20 години, со тоа што минимално или воопшто нема да се плаќа струјата или во иднина можеби и ќе се продава, ќе се заработи доволно за да се купи целосно нов систем ” вели Марковски, прв човек на СИЕТО , чија некогашна викендичка стана прва експериментална еколошка куќа во Македонија и воопшто на овие простори на Балканот.

Менување на навиките

Природата на алтернативните извори на енергија, што се користат во првата екокуќа, ветерот и сонцето, бараат одредени промени и на секојдневните навики на членовите на домаќинството. Така , како примарно и најлесно за адаптирање е да се стекне навика вклучувањето на машините за перење алишта и садови, на правосмукалката и другите поголеми потрошувачи на струја да се врши преку ден, меѓу 11 и 15 часот. Ова од причина што во тој период целиот систем добива најмногу енергија од сончевите панели.

Намалување на загадувањето

Покрај заштедата на струја, инсталираниот систем за производство на електрична и топлинска енергија во екокуќата позитивно ќе влијае и врз намалувањето на загадувањето на животната средина. Пресметките говорат дека согласно инсталираната јачина на опремата, на месечно ниво емисијата на јаглероден двооксид ќе биде намалена за најмалку 466 килограми.

Комбинирано греење

Греењето на објектот во зимските денови е решено на нестандарден начин, со централно парно изведено како комбинирано ниско-температурно подно и радијаторско греење до 35 Целзиусови степени. Системот на централното греење е поврзан до другите два система во куќата за производство на струја и за производство на топла вода. Така, на централниот резервоар за топла вода, што се користи за санитарни потреби, приклучен е и системот за централно греење-камин топловоден наизменувач. Водата во централниот резервоар прво се предгрева од сончевите колектори и со грејач поврзан со турбината на ветер. Во комбинација со топловодниот изменувач во каминот, на овој начин ќе се обезбеди во системот за греење да циркулира доволно топла вода за згревање на објектот пред и по главната грејна сезона. Во најстудените месеци, по потреба во системот ќе се вклучува и посебно вграден гасен котел. Како илустрација, за подното и радијаторското греење, во куќата се инсталирани над 300 метри цевки.

 

Другите за нас: